Мировна Акција. За Мир, секогаш и секаде

Почетна За Нас
За Нас PDF Печати Е-пошта
Напишано од Administrator   
Недела, 09 Мај 2010 09:11

Мировна Акција е оформена 2001 година со обединувањето на повеќе неформални групи на пацифисти, антимилитаристи и приговарачи на совеста (ГАМА, АМАН и др.). Нашата мисија е промоција на мирот и културата на ненасилство. Во претходните 4 години од нашето постоење, акцент во нашата работа беше ставен на приговорот на совеста (ПС), пред се поради потребата ова човеково право да се признае, почитува и промовира во Р. Македонија. Работата на демилитаризацијата на свеста на македонските граѓани, олицетворена во неодењето војска на младата машка популација, сметаме дека претставува придонес во вистинска насока кон подобра иднина.

Во 2002 и 2003 година, водевме информативна и советодавна канцеларија за приговорот на совеста во Скопје. Се боревме за признавање на правото на приговор на совеста. По признавањето на правото работевме на негова промоција и лобиравме за подобрување на условите за цивилна служба. Во 2003 год. Мировна Акција, беше еден од основачите на Регионалната мрежа за приговор на совеста – Приговор за мир (заедно со следните НВО-и: Кампањата за приговор на совеста – Босна и Херцеговина, Антиратна кампања – Хрватска, ЕБЦО Балкан – Србија и NDC – Црна Гора) и ко-организираше низа на регионални активности за поддршка на приговорот на совеста и мировниот процес на Балканот (изработката на Регионалниот стандард за ПС, Регионалната Конференција во Сараево „Во Европа преку приговорот на совеста“). Во 2004 година едуциравме 17 членови на НВО-и од Македонија кои потоа им даваа поддршка на приговарачите на совеста на локално ниво и оформивме мрежа на инфо-точки за ПС. Особено сме горди на Регионалниот караван за промоција на мирот и ненасилството „Мир – во изградба“, организиран од страна на регионалната мрежа за ПС, кој што посети 12 градови во 5 земји на Балканот.

Мировна Акција е придружен член на Интернационалата на противниците на војната (WRI). Имаме и одлична соработка со Европското биро за приговор на совеста. Мировна Акција е ко-основач и член на РУЗ мрежата (Развој со учество на заедниците). Во нашата досегашна работа сме воспоставиле соработка со голем број на македонски и интернационални организации кои работат на изградба на мирот во регионот и светот.

Наше најголемо достигнување е исполнувањето на нашата мисија во рок од 5 години, а тоа е „укинување на структурираната милитаризација на младите луѓе од машки пол од страна на државата преку задолжително служење на воен рок“. Имено во мај 2006 година, тогашниот Министер за одбрана го објави укинувањето на воената обврска 1,5 година порано од предвиденото како последица „... и на зголемениот број на приговарачи на совеста кои служат во цивилна служба што го оптеретува буџетот на Министерството за Одбрана, а воопшто не допринесува за одбраната на Р. Македонија“. Мировна Акција го промовираше правото на приговор на совеста со што драстично го зголеми бројот на приговарачи на совеста градејќи го патот до демилитаризација на граѓаните на Р. Македонија.

 

 

Google Translate

Macedonian Albanian Croatian English German Serbian Spanish
mirovna_akademijawri